Македонија
12. October 2015 - 14:49

Светскиот здравствен самит прифати македонски модел за лекарска едукација

Моделот за едукација на македонскиот неврохирург Венко Филипче е прифатен како најсоодветен за употреба во земјите во развој, одлучи Светскиот здравствен самит, кој годинава по седми пат се одржува во Берлин.

Овој модел во име на групата лекари - лидери на меѓуакадемскиот медицински панел на самитот денеска го презентирираше македонскиот претставник д-р. Венко Филипче во германското Министерство за надворешни работи, каде што се одржува Светскиот здравствен самит.

Самитот, кој е под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и првиот човек на Европската комисија Жан Клод Јункер, е најпроминентен светски форум за адресирање на глобални здравствени теми.

На самитот учествуваат претставници од националните академии за науки, политички претставници кои работат на здравствени теми, невладини организации активни на полето на медицината и здравствената заштита, претставници на компании и други учесници кои што дебатираат и носат заклучоци за борба против најакутните здравствени предизвици. Годинава централни теми на кои работи СЗС се климатските промени и здравството, глобалната здравствена политика и владините политики во најбогатите земји на светот, здравото стареење и превенцијата, дигиталното здравје, научната вредност на основна здравствена заштита.....

Моделот предложен од македонскиот лекар Филипче од Клиниката за Неврохирургија при Универзитетскиот клинички центар во Скопје, кој е прифатен како најдобар за едукација на лекари ќе биде применуван како дел од здравствените едукативни системи во десетици земји кои што ги следат препораките и заклучоците на светскиот здравствен самит.