Светскиот печат пишува - Поразот на Заев е пораз и за ЕУ
Поразот на Зоран Заев претставува пораз и на политиката за проширување на Европската Унија со државите од Западен Балкан. Вака германскиот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг ги анализира резултати од локалните избори во земјава. Во анализата под наслов „Човекот кој стави сè на облог на ЕУ“ угледниот медиум пишува дека оставката на премиерот е лоша порака за Брисел.
Весникот оценува дека преименувањето на државата под водство на Заев бил храбар чекор, со кој била надмината препреката за преговори со ЕУ. Сепак, таквиот потег не бил соодветно, туку само утешно награден со членство во НАТО.
И други угледни германски медиуми коментираат дека Зоран Заев е еден од ретките политичари од Балканот, кој сериозно ја водеше својата држава по патот кон ЕУ, но не успеа во тоа, што резултираше со континуиран пад на поддршката од граѓаните.
Слични се коментарите и во анализата на швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг, под наслов „Се обложи на ЕУ и загуби“. Весникот потенцира дека во земјава владее огромна фрустрација поради постојаните пречки за евроинтеграциите. Но, растот на незадоволството, како што пишува весникот, не е иницирано само од тоа што не се исплатела промената на државното име, туку и од неисполнетите ветувања во однос на владеење на правото.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
