Македонија
18. February 2022 - 16:31

Светски ден на социјална правда

Во моментов 455.000 граѓани во Македонија и секое 4 дете живеат во сиромаштија, а пандемијата дополнително го зголеми овој јаз на нееднаковоста, а се зголеми и бројката на невработеност. Голем е јазот и помеѓу урбаните и руралните средини, каде дел од луѓето немаат ниту пристап до основните права. Токму затоа денеска во Прилеп за прв пат се одбележа Светскиот ден на Социјална правда за да се потенцираат сите овие аномалии и да се пристапи кон супштински социјални реформи.

„Не е целта да се насочиме само кон сиромашните туку треба да се креираат мерки кои ќе спречат некој дополнителни да паднат во сиромаштија. Дополнително подобрување на квалитетот на образование, подобрување на пристапот до ресурси, особено за жителите на руралните средини. Зголемување на вработеноста, давање повеќе можности за младите“, истака Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

За време на падемијата пак во Прилеп, Кривогаштани и Долнени не бил зголемен бројот на корисници на гарантирана парична помош.

„ Центрите за социјална работа во соработка со Агенцијата за вработување прават проценка кој е највработливиот член на домаќинството кое е корисник на гарантирана минимална помош и за истиот изготвуваат активационен план и пробуваат да го вработат и на овој начин да се прекине генерациското користење на социјална помош“, изјави Дејан Тошески, директор на Центар за социјална работа Прилеп.

Организатори на настанот беа ЛАГ АГРО ЛИДЕР и Фондација отворено општество Македонија.