Македонија
18. April 2016 - 13:05

Светски ден на културното наследство

Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети - ИКОМОС Македонија по повод Светскиот ден на културното наследство 18 април ги повикува членовите на комитетот, потесната и поширока јавност во Македонија, сите министерства, институции, здруженија и поединци за зголемување на свеста за заштитата и конзервацијата на недвижното културно наследство.

Претседателот на ИКОМОС Македонија Лазар Шуманов на денешната прес-конференција рече, дека 18 април - Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, е прогласен од УНЕСКО во 1982 година, а идејата да се прославува овој ден значи поттик на имателите, корисниците, институциите на експертите за подигање на свеста за што поголема почит на недвижното културно наследство во светот, бидејќи тоа е доказ за постоење придобивки од цивилизацискиот напредок на нашето општество.

Интернационалниот комитет на ИКОМОС секоја година прогласува тема на  18 Април. Оваа година темата е „Спортот и културното наследство“.

- Идејата и за нас е нова. Една од нашите определби во иднина ќе биде да одредиме и валоризираме објекти од спортот како културно наследство. Во Македонија се уште има остатоци од спортски сали и базени, но ќе се потрудиме тоа да го валоризираме, рече Шуманов.

Националниот комитет ИКОМОС Македонија е еден од 110-те национални комитети од исто толку земји во светот, членки на Меѓународниот совет за споменици и локалитети.