Сведоштво на Дарко Стојанов за кобната вечер во „Пулс“: Ниту денеска не знам кој ме извади онесвестен
Последното нешто што му останало во сеќавање на Дарко Стојанов од кобната вечер во Пулс е гласот на едно девојче кое очајно му довикувало да не го пушта плафонот што веќе му паднал врз рацете, само така, велела, ќе можат да се спасат. Во тие моменти на хаос и чад, додека се борел да издржи уште малку, пред очите му се појавила и слика од неговите деца како го довикуваат. Токму со таа мисла, на нивните гласови, Дарко се онесвестил.
- По само неколку секунди, 10-15 во движење кон излезот, сфативме дека заглавуваме и дека нема да биде едноставно, ситуацијата ќе ескалира и дека ќе биде полошо и полошо. Во самата гужва сите четворица се разделивме, самата толпа народ не носеше на различни страни, во еден момент падна парче од плафонот, го потпрев со мојата рака, добив исеченица на челото, во таа состојба можеби останав околу 15-20 секудни, потоа се онесвестив.
Таа вечер излегол со другарите и со својот прв братучед, сакал да ги почести за роденденот на своето дете. Но вечерта што требало да биде причина за славење, за неколку моменти се претворила во ноќ на тага и болка. Во трагедијата што следела, Дарко го загубил токму човекот со кого дошол, својот братучед.
- Јас ја имав среќата да излезам помеѓу повредените, додека мојот братучед ја немаше таа среќа, тој почина. Навраќањата се секојдневни, не постои ниту еден ден, а да не се навратам со мислите таа вечер, што можеше да биде поинаку, што можеше да се направи за да не се случи тоа, но малку потешко дека може да се најде одговорот на тоа прашање.
Една година после пожарот, се уште не знае кој го извлекол онесвестен од топлата и му го спасил животот. Докторите се обидувале да го освестат, но дури во Србија на лекување дознал што се случило.
Дарко беше првиот пациент кој се врати во Македонија од лекувањето во Србија.
Последиците од пожарот биле тешки. Имал внатрешни изгореници, на дишните патишта, на белите дробови и на гласните жици. Сатурацијата му паѓала, а извесен период бил и на кислородна поддршка.
Физичките рани и сето она што е видливо на телото ќе биде потребно време и можеби ќе останат лузни, но тие лузни ќе зараснат, може само ќе останат белези што ќе не потсетуваат на немилата вечер, но она што останува во психата на човекот е она што навистина е тешко. Таа борба трае, ќе трае и мислам дека ќе биде потребно уште доста, доста време за истата да биде барем ублажена и да се навикнеме да живееме со новото нормално.
Велат дека најтешките лекции во животот ги учиме од најтешките моменти. За Дарко, пожарот во Пулс е токму таква лекција, болна и незаборавна.
- Ова искуство е една немила лекција за тоа дека, можеби во животот е потребно да поминуваме повеќе време со најблиските, бидејќи на крајот фамилијата е таа што секогаш е до нас. Било во добро, било во лошо, мораме да продолжиме понатаму, а нашиот столб кој што не води во животот на кој се потпираме тоа е секако семејството. И ме научи на тоа да поминувам што повеќе време и да го искористам секој миг да уживам со нив.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
