Македонија
9. October 2025 - 16:57

Сведочење во Кривичен: Пред Нино Васев не биле давани лекови на реверс на Онкологија

Адвокатот на екс директорот на Онкологија, Нино Васев бара да му биде укинат притворот. Против Васев се водат два судски предмети за онколошките пациенти и за набавката на лекови, кои се обемни, а адвокатите не можеле по три саати во затворот Скопје да работат со обвинетиот. Со тоа му се нарушува правото да се брани, вели адвокатот Боби Секуловски. 

Денеска во судот беа присутни тројца сведоци вработени во клиниката. Раководителката на аптеката на онкологија која работи таму од 2012 година, сведочеше дека пред Нино Васев да стане директор на Клиниката не биле земани лекови на реверс. 

Реверс не постоеше, постоеја позајмици од други клиники, на мала количина лекови ако има моментален недостаток, меутоа тоа никогаш претходно не се правело на условен буџет. 
Се земале лекови на реверс од условен буџет и пред да се склучи договор со добавувачот одговори сведокот, на прашање на обвинителката. 

До декември 2021 година цврсти нарачки по однос на сите лекови се правени од јавни набавки. Кога се прави тоа се доставува до аптека и до доставувачот. Кога се прави набавка за реверс значи дека јавната набавка не е завршена. Цврста набавка се прави кога јавната набавка е завршена и се наведува бројот на договорот. Во реверс такво нешто не постои. 

Според адвокатот ирелевантно е дали се давале лекови на реверс пред Васев, процедурата била легална и законска. Им фалеле лекови за пациенти кои имало можност да им се влоши состојбата и да починат, па наместо да ја чекаат тендерската постапка на Министерството за здравство која траела долго, земале лекови од добавувачи кои било извесно дека ќе го добијат тендерот. 

Шалтерската работничка, рече дека додека Васев раководел со Клиниката имало негов потпис на извештаите за лекови од условен буџет. Но таа пракса веќе не функционирала на Клиниката, сега секој втор четврток извешраите се одобруваат на стручен колегум.