Македонија
9. November 2018 - 15:24

Свечена заклетва на 36. генерација војници на доброволно служење во АРМ

Свечена заклетва денеска во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес дадоа 104 млади војници, меѓу кои десет девојки од 36-тата  генерацијата „октомври 2018“, кои се на доброволно служење во АРМ.

Свечено дадената заклетва на младите војници од името на ГШ на АРМ и од свое име им ја честита заменикот на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин. Тој во своето обраќање потенцира дека да се биде дел од одбраната на нашата татковина е обврска за секој граѓанин. Доброволно да се пристапи  кон одбраната, како што рече, е чин достоен за пофалба и заслужува почит и внимание.

– Во наредниот период ќе поминете низ интензивна Основна воена обука.Вашите инструктори и командири ќе ве насочуваат за полесно да ги совладате предвидените содржини од планот за обука. По успешно завршената обука и завршувањето на воениот рок, ви се отвораат вратите на АРМ, за понатамошен професионален развој  во воената струка како ваша идна животна определба, посочи Нуредин.

На војниците свечено дадената заклетва им ја честита и им посека успешна тримесечна основна обука, потполковник Мухамед Ибраими, новиот камандант на ЦИО-Центарот за индивидуална обука, кој од вчера ја презема оваа должност.

Во  ЦИО-Центарот за индивидуална обука кој е во рамки на КОД-Командата за обука и доктрини досега доброволно воен рок служеле над 5.200 млади војници од цела Македонија.