Македонија
24. November 2025 - 16:37

Судот ги одби жалбите, Паунов и Димитриев остануваат во куќен притвор

Двајцата инспектори на УЈП меѓу кои и братот на претседателката на кривичниот суд, остануваат во куќен притвор. Иако обвинителството во Кочани бараше Драганчо Паунов и Дуле Димитриев да одат во ефективен притвор, судот не го прифати барањето и ги одби жалбите на двајцата даночни инспектори осомничени дека го алармирале сопственикот на дискотеката кога УЈП ќе прави контроли во „Пулс“.

„Советот од тројца судии при Основен суд Кочани, постапувајќи по изјавените жалби од страна на ОЈО Кочани против решенијата на Судија на преходна постапка со кои спрема двајца осомничени им беше определена мерка за обезбедување присуство – Куќен притвор, ги одбил изјавените жалби на ОЈО Кочани против истите и донесените решенија на Судијата на претходна постапка ги потврдил“, се вели во кусото соопштение на судот во Кочани.

Кои биле причините двајцата осомничени да останат во куќен притвор, од судот не објаснуваат. Не дадоа образложение ниту зошто е одредена таквата мерка иако, обвинителството за нив бараше ефективен затворски притвор.

Освен обвинителството, незадоволство од одлуката на кочанскиот суд имаат и осомничените. Паунов и Димитриев доставиле жалби за укинување на куќниот притвор, но до сега судот за нив нема одлучено. Според одбраната, бидејќи Паунов бил фамилијарен и вработен во државна институција немал намера да бега, па како што вели адвокатот, непотребено било неговиот клиент да е во притвор. За одбраната, спорно е и дали се точни вибер комуникациите според кои Паунов добивал подароци од сопственикот на дискотеката.

„Мора да се истражат сите законски можности и детали околу начинот на којшто тие се прибавени. Дали веродостојноста е точна, дали е мојот властодавец во комуникација со било кое лице од тие што се спомнуваат и многу други прашања околу наводите дека наводно, истиот побарал или му дале часовник и наочари“, изјави Асмир Алиспахиќ, Адвокат на Драган Паунов.

Комуникацијата на Паунов со газдите на Пулс објавена од ИРЛ покажа дека тој информирал кога УЈП ќе ја посети дискотеката, а според разговорите, за тоа добивал подароци. Разговорите ги потврди и обвинителството по што следеше акцијата за апсење на десетина инспектори на УЈП од Штип и Струмица.