Свет
20. October 2015 - 8:38

Судири во Дрезден на првата годишнина од формирањето на ПЕГИДА

Во германскиот град Дрезден синоќа избија судири откако илјадници приврзаници и противници на движењето ПЕГИДА, кое го изразува незадоволството од приливот на бегалци во Германија, застанаа едни против други по повод првата годишнина од формирањето на движењето, пренесоа светските агенции.

Поддржувачите на ПЕГИДА фрлаа петарди врз полицијата. Притоа беше соопштено дека во судирот е повреден еден приврзаник на движењето.

До судир дојде кога органите на редот се обидоа да ги разделат учесниците на митингот на ПЕГИДА од контрадемонстрантите.

Според податоци на полицијата едно лице било примено во болница, а уште едно било уапсено.

Оделни судири имаше и во текот на ноќта.

Според ПЕГИДА (Европски патриоти против исламизација на Западот) на нивна покана на плоштадот во центарот на Дрезден се собрале меѓу 15.000 и 20.000 лица. Движењето беше формирано токму на тоа место на 20 октомври 2014 година.

Бројката на насобрание беше двојно поголема од просечната посетеност на демонстрациите на движењето во текот на последните две недели, но помала од рекордот од 25.000 лица, собрани на 12 јануари годинава. Организаторите, инаку, очекувале 50.000 лица на митингот.

Истовремено, меѓу 15.000 и 19.000 контрадемонстранти учествуваа во различни настани во градот организирани против движењето.

„Отпор! Отпор!", скандираа поддржувачите на ПЕГИДА, а исто така и „Ние сме народот", користејќи ја славната парола од демонстрациите против комунистичката диктатура во поранешна ДДР, на крајот на 1989 година.

„Меркел надвор“, пишуваше на еден транспарент. Канцеларката се претвори во главната цел на ПЕГИДА заради својата политика на прифат на стотиците илјади мигранти во последните неколку месеци, кои, според ПЕГИДА, се закана за Германија.

Земјата до крајот на годината очекува рекордни 800.000 до милион мигранти.

Лидерот на ПЕГИДА, Луц Бахман, пред насобраните канцеларката Меркел ја нерече „диктатор“ и повика Дрезден да стане „центарот на отпорот“ на политиката на германската Влада.

Контрадемонстрациите, пак, се упатија на митингот на ПЕГИДА, обезбедувани од голем број полицајци, кои се погрижија да не дојде до поголеми судири меѓу двете големи групи.

Митингот во Дрезден се оддржа во силно тензична атмосфера по саботниот напад со нож врз кандидатката за градоначалник на западниот град Келн, Хенриете Рекер, која работи во општинскиот оддел за сместување бегалци. Напаѓачот е сметан за близок приврзаник на крајната десница. Рекер беше примена во болница по нападот и вчера беше избрана за градоначалник на Келн со 52 проценти од гласовите.