Македонија
14. November 2025 - 16:30

Судиите со писмо до Мицкоски: Премината е границата на добро однесување

Судиите се спротивставија на критиките од премиерот Мицкоски. Во заедничко соопштение на Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии, пишуваат дека е помината границата на добро однесување. Обраќањето е упатено директно до Мицкоски, па и соопштението го почнуваат со фразата, „Господине Премиер“.

„Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите“, пишува во заедничкото соопштение.. 

Во соопштението, судиите наведуваат дека преку наплата на паушали и парични казни, тие редовно го полнат државниот буџет, па не може да се виновни за државниот долг од 2 милијарди евра заради кој Мицкоски кажа дека нема да се зголеми буџетот за правосудството. Долгот, велат бил последица на постојаното задолжување на извршната власт во минатото и сега.

Државниот обвинител денеска и лично побара од Собранието зголемување на финансиите. На почеток од расправата за буџетот за 2026 повтори дека наместо предвидените 0,2, треба да ги добијат законски предвидените 0,4 проценти од државниот буџет. Се намалувал бројот на службеници, а не се дозволувале нови вработувања, поскапувале и вештачењата. 

„Сакам да е јасно за целата јавност дека тука не станува збор за средства за некакво покачување на плати, ниту на јавните обвинители, ниту на јавнообвинителските службеници. Во предлог-буџетот планираните издвојувања за плати се до денар исти како и годинава, а не се предвидени средства ниту за додатоци кои законски им следуваат на вработените“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител..

Премиерот Мицкоски пак денеска вети дека ќе ги исполни барањата на судството и јавното обвинителство. Вели, до крајот на годината ќе ја добијат финансиска независност и можноста сами да одлучуваат за вработувањата и висината на платите, ама дополнително ќе се утврдувало колкав процент ќе добијат од државниот буџет. Им порача дека будно ќе се следат нивните трошоци, а одлуката, очекува да ја поздрави и Брисел. 

„Тоа се народни пари, не се нивни пари. Како што мене ме контролираат, така и нив ќе ги контролираат. Но, ако останеме на ниво едноцифрена поддршка за судиите и обвинителите, ништо не сме направиле“ „Секој денар ќе го гледаме како го трошат. Да не се случи после дел од нив да се најдат на обвинителната клупа како обвинети. Еве, бараат финансиска независнот – ќе добијат. Ајде да видиме дали тогаш ќе ни се случува неправда како што сега се случува“, изјави Мицкоски. 

Мицкоски не го коментираше писмото на судиите, повика граѓаните да кажат дали се задоволни од правдата во Македонија.