Свет
3. August 2016 - 11:41

Суд во Минхен осуди на доживотен затвор двајца поранешни хрватски тајни агенти

Суд во Минхен денеска на доживотен затвор ги осуди поранешните припадници на југословенските и хрватските тајни служби, Јосип Перковиќ и Здравко Мустач, под обвинение дека во 1983 година биле соучесници во убиството на хрватскиот емигрант и дисидент Стјепан Ѓурековиќ во Германија, информира хрватската телевизија ХРТ.

Германскиот суд уште во 2009 година побара екстрадиција на Перковиќ и Мустач, но тогашната хрватска Влада непосредно пред приклучувањето на Хрватска во ЕУ во 2013 година, донесе специјален закон, наречен „лекс Перковиќ“, со што двајцата ги заштити од екстрадиција. По извршениот притисок од ЕУ, Перковиќ, сепак, во 2014 година беше екстрадиран во Германија.

Судот утврди дека Перковиќ и Мустач се виновни за тоа што како шефови на хрватскиот оддел на југословенските тајни служби го организирале политичкото убиство на хрватскиот емигрант Ѓурековиќ во Минхен во 1983 година.

Ова е втора пресуда за овој случај. Во 2008 година суд во Минхен го осуди хрватскиот државјанин Крунослав Пратес на доживотен затвор за помагање во убиството на Ѓурековиќ. Пратес беше осуден затоа што на Перковиќ му го дал клучот од гаражата во која потоа бил убиен емигрантот, а Перковиќ му го дал на директниот извршител на убиството, кој до овој момент не е идентификуван. Пратес му бил потчинет на Перковиќ и го следел движењето на Ѓурековиќ во Минхен.

Судскиот предмет на Перковиќ беше повод за влошување на односите меѓу Хрватска и Германија и заради одбивањето на екстрадицијата германскиот канцелар Ангела Меркел не присуствуваше на свеченоста по повод приемот на Хрватска во ЕУ.

Според германските закони, Перковиќ и Мустач своите казни ќе ги издржуваат во хрватски затвор.