Бизнис
28. January 2016 - 12:37

Субвенции за престој во градинка за деца од социјално загрозени семејства во Боданци

Општина Богданци одлучи да им излезе во пресрет на граѓаните од социјално загрозените категории со тоа што ќе оддели буџетски средства за субвенционирање на престојот на деца во градинката и на дел од сметките за вода.

Заради заштита на граѓаните од ранливите групи, општината распиша јавен оглас за субвенционирање на трошоци во детската градинка и за вода, кој ќе трае десет дена, поточно до 5-ти февруари.

- На овој начин општината ќе спроведе мерки за субвенционирање на престој во градинка на деца на самохрани родители чии што месечни примања изнесуваат до 12.000 денари, како и на дел од трошоците за комунални услуги за лица постари од 65 години, информираа од одделението за односи со јавноста од каде посочија дека вкупниот износ на месечната субвенција за престој на децата во градинка ќе изнесува 1.500 денари, а за комуналните трошоци по 300 денари од корисник.

Право да поднесат барање за субвенционирање од буџетските средства имаат лицата со статус на самохрани родители на деца до петгодишна возраст и на лица корисници на постојана парична помош. Барањата се поднесуваат во архивата на општина Богданци.