Македонија
8. November 2019 - 9:02

Студентите на штипскиот Универзитет ќе бираат ново раководство

Студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе бираат нови раководствата на студентската организација. Игор Стојанов од Центарот за комуникации при УГД-Штип појаснува дека конкурсот е веќе распишан, а ќе трае до 12 ноември.

-Сите заинтересирани студенти имаат право да се пријават на конкурсите кои се веќе распишани на сите факултети за избор на Факултетско студентско собрание.Студентите кои сакаат да бидат членови на Факултетското студентско собрание треба да достават пријава и потврда за студент на соодветниот факултет кај техничките секретари на нивните матични факултети, вели Стојанов.

На денот изборите секој студент има право да гласа на својот матичен факултет со приложување на индекс. Стојанов потенцира дека факултетско студентско собрание треба да се избере на секој факултет и тоа брои десет студенти. Откако ќе се конституира собранието , на конститутивна седница тоа ќе треба да избере претседател на собрание на факултет и да именува по двајца членови во Универзитетско собрание, еден или двајца членови  во Наставно научните совети на факултетите и по еден член во Одборот за соработка и доверба со јавноста.

-Откако Факултетското собрание ќе формира Универзитетско собрание тоа на конститутивна седница ќе избере претседател на Универзитетското собрание и ќе именува соодветни претставници во телата на Универзитетот.Целата постапка ќе заврши со формирање на нови раководни студентски тела според новиот закон и статут на УГД, вели Стојанов.

Мандатите на сите студентски функции се во траење од една година. Изборот на ново студенстко раководство доаѓа, откако во септември на сите факултети и академии на штипскиот универзитет се избраа нови декани и продекани, а ректорот Блажо Боев го доби новиот тригодишен мандат.