Студентите ќе ги учат вработените во МОН
Многу кадар во образование, ама дигитализацијата не им е јака страна. Финкашите заминуваат на помош во МОН. Ќе ги учат вработените во образование како да ги подобрат дигиталните способности, но и да го зајакнат ИТ секторот во ова министерство. Во овој оддел пак, само четворица се борат со сајбер закани, но и одржување на сите информациски системи и дигитални платформи.
Компезацијата во овој случај ќе биде – пракса за едукација. Пари за овие услуги студентите, кои додека ги извршуваат, ќе бидат под менторство на професори, нема да добиваат. Работата во МОН ќе им извршување на практичен дел, кој е неопходен за 6-ка на ФИНКИ.
Долгорочната цел е откако финкашите ќе ја поминат праксата и откако ќе ја земат дипломата в раце, да се вработат во Министерството за образование и наука. Но, според досегашното искуство, тешко дека некој дипломиран студент на ФИНКИ ќе одбере да работи во јавен сектор, кога во приватниот сектор ќе добива барем двојно поголема плата.
Соработката меѓу ФИНКИ и МОН се формализираше со Меморандум, кој нема временски рок на трање. А, за тоа кога 5.000 студенти ќе ја прекинат секојднeвна пракса на шетање, од нивните бараки до Машински, па до Технолошки факултет, а некогаш и на Педагошкиот факултет само за да слушаат предавања, бидејќи немаат зграда, министерката не прецизираше.
Финки требаше да добие свој „дом“ во склоп на кампусот на УКИМ, кој почна да се гради во 2015-тата. Откако градежната компанија „Бетон“ од Штип стапи во стечај во 2019-тата, кај градбите во изградба не е мрднато со прст.
Недоградените ФИНКИ и ДИФ долго ги чекаа законските измени за продолжување на важноста на градежната дозвола, кои на почетокот на месецот конечно добија зелено собраниско светло. Според информации на Сител во моментов се формираат работни групи, кои треба да ги прецизираат следните чекори за изградба на зградите за ДИФ и ФИНКИ.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар