Струмица ќе развива био економија
Струмица ќе ги користи европските искуства за развој на био економијата. Потенцијали постојат, но она што недостасува се човечки ресурси и едукација. За таа цел општината веќе започна со реализација на проект кој треба да им помогне на сите чинители да ги надминат бариерите на патот кон целосно искористување на можностите на био економскиот потенцијал.
Во рамки на проектот, претставници од Холандија, Германија, Полска и Шведска неколку дена престојуваа во студиска посета на општината за да ги пренесат нивните искуства, но и да се запознаат со потенцијалите и ресурсите со кои располага регионот.
Проектот SCALE-UP кој e финансиран од програмата на ЕУ, Хоризонт Европа ќе се реализира во партнерство со Македонската секција на Центарот за одржлив развој на енергетски, водни и околински системи.
Податоците од регионалниот план за управување со отпад во Југоисточниот регион покажуваат дека количините на биоразградлив отпад се проценуваат на околу 22 илјади тони годишно или 45% од вкупната количина на комунален отпад. Голем дел од овие количини се генерираат токму во регионот на Струмица.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар