Струјата нема да поскапи повеќе од 1%, еден час плус дневна евтина тарифа засега ќе нема
Мрежарината за струја од Нова година поевтинува за 7%, најави првиот човек на Регулаторна. Сега домаќинствата плаќаат 2.3 денари, а од следниот месец 2.1 по киловат час потрошена електрична енергија.
„Успеавме да ја намалиме мрежарината поради тоа што одредени компании имаа повеќе остварен профит од тоа што е одобрено од РКЕ и тоа ни овозможи да се доведеме во ваква поволна ситуација“ – Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија
Во следните денови ЕВН Хоум треба да ја пресмета финалната цена на струјата и да ја достави на контрола во Регулаторната комисија.
Имајќи предвид дека ЕСМ понуди 62 евра за мегават и покривање на 100% од потребите, Бислимовски очекува просечната цена на струјата да се зголеми за најмногу 1%.
Во меѓувреме, дневната евтина струја останува од 13 до 15 часот. За еден час плус граѓаните ќе чекаат анализа на пролет.
„Цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот, како и на нашата берза, се најниски во периодот од 12 до 16 часот, а највисоки од 20 до 24 часот. Имајќи предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа, одлучивме до пролет да ја оставиме ситуацијата таква каква што е“ – Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија
Премиерот Мицкоски неколкупати рече дека не очекува големи промени во цената на струјата, а зголемувањето би било минимално и тоа за поголемите трошаџии.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар