Македонија
24. September 2024 - 12:23

Странски студенти на УГД Штип

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ останува интересен за странските студенти. Посебно привлечни за нив се студиските програми на кои наставата се одвива на англиски јазик.

-Студиските програми се збогатени со уште една програма со англиски јазик на економскиот факултет, а од изминатата година има програма на англиски јазик и на медицинскиот факултет, правниот, на факултетот по информатика и сите уметнички академии нудат студиски програми на англиски јазик“, изјави Мишко Џидров, проректор за настава, УГД-Штип

И понатаму приматот за најголем број запишани го носат студентите од Турција, но, од година во година се зголемува и бројот на бруцоши од останатите европски земји. Сепак, за многумина заинтерсирани кандидати постои одредена административна бариера.

-Единствен проблем кој ни останува и ни се провлекува низ сите овие години е што не им се дозволува на странските студенти од некои подалечни земји да добијат виза и да студираат на нашиот Универзитет. Моментално интерес постои, имаме определена бројка на пријавени кандидати, но процесот на нострификација на нивните документи е некаде застанат. Верувам дека тоа многу бргу ќе се среди и од 1-ви октомври и тие студенти ќе почнат со настава, додава Џидров

Вкупниот број на запишани студенти на УГД за академската 2024/2025  е сличен со изминатите години и се движи околу 2000.