Македонија
10. July 2016 - 11:36

„Стожер“ посветен на Свети Климент Охридски

Новиот, 122 број на списанието „Стожер“, што излегува во издание на Друштвото на писателите на Македонија, е посветен на Свети Климен Охридски, по повод 1100 годишнината од неговото упокојување.

Во воведната студија д-р Илија Велев се задржува на светителскиот култ и на словенската просветителска улога на Климент Охридски.

Во посебни оддели Илија Велев ги изнесува сознанијата од своите истражувања на книжевната дејност на Св. Климент Охридски, и на неговата улога како афирматор на словенската цивилизација и култура во Македонија.

Во овој контекст книжевната ревија „Стожер“ го објавува и „Пофалното слово за Св. Кирил Филозоф“ од Св. Климент Охридски. Презентирани се и стихови од Петре М. Андреевски и Матеја Матевски посветени на Климент Охридски.

Новиот број на „Стожер“ донесува и низа други прозни, поетскли и критичко есеистички прилози од Оливера Николова, Славе Ѓорѓо Димоски, Весна Мојсова Чепишевска, Велко Неделковски, Јусуф Едип, Петре Димовски, Кристина Николовска, Рифат Емин, Гордана Михаилова Бошнакоска, Елизабета Јончиќ, Љерка Тот Наумова, Васил Дрвошанов, Ефтим Клетников, Санде Стојчевски и Томислав Османли.