Македонија
7. November 2024 - 16:34

Стотици граѓани во долга редица чекаа ваучер за инвертер

Различните информации за поделба на ваучерите за инвертери донесоа стотици граѓани во долга редица пред „Борис Трајковски“. Министерството за енергетика пред една недела објави дека ќе се делат само денеска, а вчера дека рокот ќе биде продолжен до крајот на месецот.

Сепак, првичната информација создаде хаос на пунктовите. Граѓаните се пожалија дека во редицата стојат и повеќе од два часа. Тие што веќе завршиле ни рекоа дека процесот внатре оди брзо, но имаат забелешка на организацијата.

Поради големите гужви, ваучерите ќе може да се подигнат и утре од 9 до 17 часот, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје и „Боро Чурлески“ во Битола. 

Оние кои нема да го стигнат и овој рок, имаат можност до крајот на овој месец да го земат својот ваучер од Министерството за енергетика кое се наоѓа веднаш спроти Музејот на Град Скопје, односно стара железничка.

„Имаме 24 дена за да се подигнат 6.100 ваучери. Сметам дека нема потреба толку да се чека во редица. Секој може да си го испланира времето. Може да дојдете кај нас во министерство. Не значи дека ако денеска не се земе ваучерот дека нема да може да се подигне“ - Сања Божиновска, министерка за енергетика

Добитниците ќе може да ги искористат ваучерите за набавка на инвертери до 30 ноември, а потоа ќе се сметаат за неважечки. Ако овој рок не биде доволен, Божиновска најави дека ќе се разгледа можноста за продолжување.

„Ќе следиме, во случај да не е доволно ќе видиме што можеме, секако правно да биде тоа издржано, тука сме за интересот на граѓаните, може и да се продолжи, со тоа што ќе следиме како ќе се одвива бројот на искористени ваучери“ – Сања Божиновска, министерка за енергетика
Оние кои ќе купат клима со ваучер, не се временски ограничени кога да ги наместат.

За ваучерите граѓаните аплицираа во февруари. Процесот тогаш го водеше Министерството за економија, но по промената на власта документите беа префрлени во новото министерство за енергетика. 

За овој проект обезбедени се над 4 милиони евра.