Македонија
14. February 2025 - 8:59

Стопанската комора на трговци на големо и мало на средба со министерот за економија

Претставници на новоформираната Стопанска комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун треба да се сретнат со министерот за економија Бесар Дурмиши во врска со Предлог-одлуката за ограничување на маржите до 10 проценти во трговијата на мало и на големо. 

Од Комората преку соопштение информираа дека се сретнале со премиерот Христијан Мицкоски кој го задолжил министерот за економија да одржи средба со нив по што најавуваат дека ќе излезат со информација за јавноста.  

- Според одлуката од средбата, на која премиерот г-дин Христијан Мицкоски го задолжи министерот за економија и труд, да одржи нова средба со нас, на 14.02.2025 година, во текот на денешниот ден ќе излеземе со ставови, кои ќе ги образложиме на средбата, кои ќе бидат анализирани со цел да се изнајде заедничко решение. Сакаме да се создаде поволна клима за работа за сите чинители од секторот, да не се трпат штети, а сето тоа во интерес и на нашите потрошувачи, се наведува во соопштението од Комората.

Комората вчера излезе со барање за итна средба со Владата по одлуката да се изготви Предлог-одлука за ограничување на маржите до 10 проценти во трговијата на мало и на големо.

Од Комората посочија дека ваквата одлука ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, но и да ги затвораат маркетите. Штетите, според Комората, ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4 700 вработени.

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун е основана на Основачко собрание одржано на 10 февруари и е во фаза на упис во Централниот регистар.

По растот на цените на храната и двата граѓански бојкота, Владата во вторникот на седница го задолжи Министерството за економија да ја подготви Предлог-одлуката којашто, според најавите, требаше да се одржи вчера на итна седница, но тоа не се случи. Со предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.

Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.