Македонија
10. July 2015 - 16:21

Столтенберг: Додека не се реши спорот за името нема покана за членство во НАТО

Црна Гора би можела да добие покана за членство во НАТО на Самитот на Алијансата следната година во Варшава, потврди во интервју за ХТВ генераланиот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а одлуката ќе се разгледува во декември годинава.

Но, заклучокот за Македонија од самитот во Букурешт, според генералниот секретар останува ист, иако Столтенберг потенцира дека вратата на НАТО останува отворена.

-Кога станува збор за поранешната Југословенска Република Македонија нагласивме дека треба да се најде заеднички прифатено решение за прашањето за името. Околу името има несогласувања. Се додека тој проблем не се реши ние не можеме да ја поканиме земјата да се приклучи кон НАТО.

Рацете ви се врзани?

Па, одлучивме дека мора да се реши прашањето за името и тоа на заеднички прифатлив начин. Се додека не постигнеме напредок во тоа подрачје не можеме да напредуваме, кога станува збор за членството’, изјави Столтенберг за ХТВ.

Темелен принцип на Алијансата е консенсус на сите држави, а Грција останува главна пречка.

Вчера шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во колумна за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, под наслов ,,Што може да стори Грција за подобрување на својот углед?’’, потенцира дека од 2008 година Грција успешно го блокира членството на Македонија во НАТО, иако тоа е поддржано од сите останати земји-членки, барајќи промена на името на државата, а истиот аргумент со години се употребува и во Унијата, и покрај пресудата од Меѓународниот суд на правдата.

-Еден добронамерен став наспроти желбата на Македонија за почеток на преговори со ЕУ би бил поздравен како гест на прагматизам и солидарност. Тоа би одговарало на солидарноста што Грција ден за ден ја добива од ЕУ, напиша Попоски.