Свет
7. јуни 2023 - 14:27

Столтенберг: Белград и Приштина да ја деескалираат ситуацијата и да се вклучат во дијалог со поддршка на ЕУ

Насилството ги враќа Косово и целиот регион назад, доведувајќи ги во прашање евроатлантските аспирации.

И Приштина и Белград мора да преземат конкретни чекори за деескалација на ситуацијата, да се воздржат од понатамошно неодговорно однесување и да се вклучат во дијалог со поддршка на ЕУ, што е единствениот начин за траен мир, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

-НАТО ќе продолжи да ја игра својата улога за поддршка на трајната безбедност на Косово и стабилноста на целиот Западен Балкан, истакна Столтенберг во интервјуто за црногорска „Побједа“.

Тој посочи дека Алијансата испраќа уште околу 500 војници од оперативните резерви за Западен Балкан.

-Ние ставивме дополнителен резервен баталјон во повисоко ниво на готовност, за да може и тие да бидат распоредени по потреба.

Ова се претпазливи чекори за да се осигура дека КФОР ја има силата и способностите што му се потребни за да го исполни својот мандат, појасни Столтенберг.

Нашата мисија КФОР ќе ги преземе сите неопходни активности за одржување на сигурна и безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе во Косово и ќе продолжиме да дејствуваме непристрасно, во согласност со нашиот мандат на Обединетите нации, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година, рече генералниот секретар на НАТО.