Македонија
27. March 2023 - 16:34

Стојче Ивановски има 100% оштетување на видот, но Комисијата за инвалидска пензија го враќа на работа

Целосно слеп, чести болки во очите и дополнителни здравствени дијагнози - но не може да добие инвалидска пензија. 42 годишниот Стојче Ивановски од Тетово вели дека периодот се соочува со апсурдностите од неговиот случај и битката со системот. Ако не оди на работа во претпријатието за државни патишта каде е од 2014 година ќе добие отказ. Од друга страна не може да ги оствари правата од пензиско и инвалидско осигурување бидејќи немал доволно стаж. А што значи еден работен ден кај лице кое има трајно губење на работната способност?

-Ништо, седам на столче како кукла 8 часа, доаѓаат ме земаат како предмет, и ништо друго, вели Стојче Ивановски од Тетово.

Како лице со оштетен вид од 73 проценти, Стојче бил вработен пред 10 години на огласот за вработување на 300 лица со инвалидност. Пред да почне во претпријатието за државни патишта,  наодот на Комисијата при ПИОМ утврдила дека поради намалениот вид, има специфични потреби при вработувањето и работењето. Но тоа не било и во пракса, тврди Стојче кој изминатите две години се обидува низ лавиринтите во институциите да докаже како што вели дека прогресијата на болеста била поради работните позиции. И дента кога целосно го изгубил видот бил на работа.

-Беше март 2021 година, бев на работа...поради преголема истрауматизираност на окото, светлината во новата канцеларија беше голеа, залепен со лупа пред монитор на 1 до 2 см..скроз го изгуби видот? – да скроз го изгубив, неможев дома да си отидам, вели Ивановски.

Ивановски околу 12 години е пациент на др. Ирина Богданова од Клиниката за очни болести. Таа раскажува дека Стојче има вроден синдром а тој пак бил причина за појава на глауком и постепено губење на видот. Поминал многу прегледи и хируршки интервенции а имал и сепса кога едвај му го спасиле животот.

-Практично не гледа ништо...и не може да се врати видот...не може бидејќи нервот е оштетен. Дополнително, Стојче има и една состојба со повремени силни болки на рожницата и доаѓа на контроли или го хоспитализиме или јас во Тетово им кажувам за примање на инфузии и му давам боледување, вели др. Ирина Богданова, очен хирург

Во номеври 2021 година комисијата во ПИОМ потврдила дека постои трајно губење на работната способност која е намалена за 100 проценти, но не ги исполнува условите за инвалидска.

-Уште при вработувањето ако сум бил согласно членот од законот за вработување во делот за инвалидизирани лица, сега ќе имав и стаж, вели Ивановски.

Досега негативни одговори на неговите жалби за професионална болест добил од трудовиот инспекторат, а писмено се обратил и до Хелсиншки, народен правобранител и до претседателот Пендаровски.

Моменталната состојба го исцрпува но Стојче вели не се откажува. Најави дека целокупната документација ќе ја достави до канцеларијата на обединетите нации во женева која е надлежна  за правата на лицата со попреченост.