Македонија
12. July 2019 - 14:46

Стоилковски: СДСМ и Заев мора да кажат од кога Заев соработува со Силберстин

Јавното обвинителство мора да отвори истрага за комуникацијата на Зоран Заев преку неговиот личен телефон со лажниот Петро Порошенко и сите пораки и информации кои што му ги изнел бидејќи постојат сериозни индиции за повеќе кривични дела.

Пораките на Заев објавени во медиумите, покажуваат дека тој во кабинетот на Владата одржувал средби со контроверзниот лик Тал Силберстин, човек посочуван од страна на австрискиот канцелар, Себастијан Курц како главно осомничен за креирање на аферата поради која што падна австриската влада. Е токму тој бил примен од страна на Зоран Заев во кабинетот на премиерот во Владата на Република Македонија, и тоа токму во периодот кога се случувала аферата во Австрија. Па дали Заев имал или немал врска со случувањата во Австрија, која е долгогодишен, докажан пријател на Република Македонија.

Почитувани,

Тал Силберстин, човекот од фотографијата со Заев, која што заврши кај лажниот Порошенко, фотографијата заврши кај комедијантот кој се претставувал како Порошенко што е друга афера, е лице со дебело меѓународно досие. Против Силберстин се водат процеси во Израел, но и во Романија. Човекот има дебело досие за перење пари, попречување на правда, за нелегално организирање финансирање на политички изборни кампањи, потоа досие за поткуп, фалсификување на документи и за други дела. Неговото име се споменува дури и во Гвинеја, за каде се вели дека заедно со другите обвинети во случајот во Романија, го поткупил претседателот на државата за да се стекнат со рудник за дијаманти вреден милијарди долари!

Е па почитувани, Владата мора да одговори, што бара ваков човек на средба во премиерскиот кабинет? Зошто бил примен овој човек во Владата? На чие барање, дали на покана на премиерот или пак сам се поканил? Има ли записник од оваа средба? За што се разговарало? Го проверил ли некој досието на Силберстин пред да биде договорена таа средба и пред да влезе во Владата? Има ли воопшто безбедносен или било каков протокол во Владата или се сѐ сведува на поставување знаменца кому-како прво им доаѓа на рака?
 
СДСМ и Заев мора да кажат од кога Заев соработува со Силберстин? Дали до сега ги користел неговите услуги и колку и од каде се платени? Против овој човек се водел процес дека примил 400.000 евра за водење пропаганда со лажни вести, па дали за тоа била средбата со Заев во Владата? Но и во кој период пред, за време или по локалните, референдумот или пак претседателските избори, имале договор и соработувале?

Тоа што е најстрашно, за ваква матна соработка јавноста немаше да разбере доколку Заев лично не му го препорачал Силберстин, со фотографија со порака со сѐ на лажниот Порошенко преставувајќи го како одлично момче. Очигледно многу добро се познаваат.

Почитувани,

Ова ги минува сите граници, ништо освен оставка на кланот со Заев на власт не е опција. Заев замини си, на Македонија и е потребна итна обнова, од корен!

Одговори на новинарски прашања

Прашање: Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за измени на изборниот законик некако тоа се пушти пред неколку месеци како пробен балон на сите политички партии кои дадоа некоја начелна, генерална согласност, кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за измените на изборниот законик кој што евентуално би требало да биде во собраниска процедура, дали и вие би поддржале да се намали бројот на изборни единици?

Одговор: Во било каков модел ВМРО-ДПМНЕ е добитник на следните парламентарни редовни или вондредни избори. Тоа што е јасно дека ваквите пробни балони кои што рековте беа пуштени од второто лице на Зоран Заев, претседателот на државата Стево Пендаровски, се само во насока на дефокусот на реалните проблеми од економската катастрофа, катаклизма која што ја тресе државата, но и од вакви многу сомнителни, многу криминогени дела кои што ја красат секојдневно оваа власт.

Прашање: Очекувате ли дека е можно да има нов изборен модел на следниве избори? Или?

Одговор: Првенствено очекувам Јавното Обвинителство да покрене истраги за сите криминални афери, криминогени дејанија што ги поврзуваат секојдневно Владата и нејзините министри, и оние што се вработени таму.

Прашање: До каде е законот за СЈО што го подготвува ВМРО-ДПМНЕ? Кога може да го очекуваме и да се достави?

Одговор: Тоа што можам да го кажам во моментот е дека на власта и требаа повеќе од шест месеци за да како министер, како власт изработат предлог Закон кој што во добри шеесетина до седумдесет проценти се спротивни на меѓународните документи. И каков таков е незаконски текст, закон кој што нема да го издржи текстот на времето и на потребите на Јавно обвинителската сфера. Бидејќи беа започнати разговори со ВМРО-ДПМНЕ во насока на подобрување, беа прифатени оние принципи кои што ги имавме наложено, а тоа е да биде законски текст согласно начелото на меѓународни документи од ЕУ, понатаму, од меѓународната односно од Обединетите Нации, но и во насока на почитување на човековите правата и принципите. Но тоа сепак не беше преземено во предвид затоа ВМРО-ДПМНЕ тргна во изработка на предлог законски текст кој што ќе биде преставен во јавноста, но во овој случај би ве замолил за малку трпение затоа што ако на власта и беше потребно повеќе од шест месеци за изработка на еден неквалитетен текст, еден пократок период ни е потребен за да може да се изработи еден квалитетен издржан законски текст во насока на овие начела кои што ги напоменавме и преставивме како основа за законски решенија, а власта ги прифати.

Прашање: Дали како што вели премиерот Заев дека Катица Јанева е каменот на сопнување?

Одговор: Ја слушнав изјавата на Зоран Заев дадена веднаш по овие афери но јас мислам дека на Зоран Заев повеќе нема човек што може да му верува во оваа земја. Затоа што човекот е пред се дефокусиран, самиот вели сега дека Катица Јанева е каменот на сопнување, минатата недела слушнавме министерската за правда која што рече дека воопшто тоа не станува збор дека Катица Јанева треба да остане на местото Специјален јавен обвинител. Така што апсолутно не станува збор за тоа, туку станува збор за овие суштински разлики, а тоа е разликите по принципите врз кои што треба да се темели еден закон за јавно обвинителска сфера која што треба да го издржи тестот за следните десетина години. Така што името на Катица Јанева воопшто не станува збор во вакви разговори, а Зоран Заев редно е да се посвети на она што е важно, а тоа е да одговара пред јавното обивнителство.