Сточарите најавуваат протести и блокади - бараат субвенции
Доколку до петок не добијат гаранции дека ќе им се исплатат субвенциите за 25 месеци, сточарите најавуваат протести и блокирање на главните сообраќајници низ државата, најавија денеска од Битола од Здружението на сточари „Пелагониско поле“. Велат, помина и крајниот рок за исплата на субвенциите кој бил до 30 јуни.
- Нека каже Владата, министрите, Платежната агенција, до кога ние ќе чекаме? И 25 месеци ако не ги платиме нашите сметки и побарувања, што ќе правиме потаму? Стоката не бара денес дали е празник или утре дали е жешко. Принудени сме до петок ако не добиеме некакви гаранции дека ќе добиеме субвенции, принудени сме да штрајкуваме по региони, да ги блокираме главните влезови во Битола, Прилеп, сите градови. Сега сме во долгови и само благодарение на земјоделските аптеки и сточарските центри, ако не се тие, не можеме да излеземе на крај, рече Тони Петковски, потпретседател на Здружение на сточари „Пелагониско поле“.
Министерот за земјоделие, вчера од Преспа истакна дека субвенциите ќе бидат исплатени со ребалансот на буџетот, иако од Платежната агенција беше најавено дека тоа ќе биде во август.
- Ние сме во директна комуникација и со директорот. Тој врз основа на бирократските процедури предвидел отприлика дека тоа би било на почетокот на август. Ние се надеваме дека собраниската процедура ќе заврши за 15 дена бидејќи се работи за интерес на граѓаните, а поголемиот дел од ребалансот се прави токму за земјоделството и очекуваме дека нема да има проблеми од опозицијата за да се усвои побрзо, рече Арјант Хоџа, министер за земјоделие.
Со цел да изградат стратегија за заедничките проблеми, вечерва во Прилеп средба ќе имаат десет земјоделски здруженија од цела држава.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
