Стигнаа предлозите од Мицкоски - Муртезани ќе се разреши, Сали - вицерпемиер, Хоџа министер за животна средина
Пратеникот и екс министер за здравство од редовите на Алтернатива Беким Сали доби ресор, освен прв вицепремиер на местото на Меџити, тој се предлага за министер за евроинтеграции. Поранешниот портпарол Мухамед Хоџа го презема ресорот за животна средина.
Формалните предлози Мицкоски ги достави до Собранието, а гласањето за новите министри би требало да биде на веќе закажаната седница наредната среда.
Ваквите предлози за Сали значат дека од Владата ќе треба да си замине Орхан Муртезани, кој сега го држи ресорот за евроинтеграции. За него засега се планира амбасадорско место во Брисел. Но, претходно тој ќе треба да поднесе оставка, за да го остави празно министерското столче.
Ова е првиот дел од владините смени што се најавуваа изминатиот период. Втората фаза, во која може да дојде до нови промени се планира по Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ и по Нова година.
Во меѓувреме, владејачкото мнозинство иако по расцепкувањето на Европскиот фронт на ДУИ засега на свое конто не додаде пратеници, јасно е дека полека го обезбедува Бадентеровото мнозинство што сега го нема.
Бадентер е потребен и за дел од законите од реформската агенда, но и за Законот за локална самоуправа.
Пратеникот Илир Демири, кој викендов објави дека излегува од крилото на Села во Алијанса и ќе делува независно, за Сител потврди дека ќе дава поддршка на владини закони што се од интерес на граѓаните.
„Поддршка ќе дадам на сите закони што се од интерес на државата, како европските закони, но и од интерес на сите граѓани. Останува да делувам независно, но идејата ми е племенита: да ги обединам трите дела на Алијанса, и на партиски Конгрес да избереме ново раковдство. Потоа ќе одлучиме што е најдобро за Алијанса, дали да делуваме како власт или како опозиција. Не може да бараме лек за државата, ако прво не се излечиме себе си“, ни рече Демири во телефонски разговор.
Алијанса во парламентот делува со 8 пратеници. Тројца од нив припаѓаат на Села кој неодмна ја напушти коалицијата на Ахмети, и тројца на Таравари делуваат како опозиција. Еден пратеник е од крилото на вицепремиерот Фетаи е дел од мнозинството.
Демири засега како независен веќе разговарал со пратениците од крилата на Села и Таравари, а наскорор и со оној на Фетаи за првично да формира и заедничка пратеничка група.
-
Катерина Нешковa
Сите содржини од овој новинар
