Бизнис
22. јуни 2022 - 16:39

Статистика пресмета просечна плата од 31.525 денари

Растот на минималецот ја зголеми просечната плата во земјава. Статистика објави дека во април просекот надминал  31.500 денари. Но, реално, граѓаните не можат да го почувствуваат порастот, затоа што инфлацијата им ги изеде парите, велат експертите. Ударот најмногу го чувствуваат оние со пониски приходи, чии плати пак, пораснале минимално.

-Ова покажува дека апсолутните бројки не се најважни во економијата, туку релативните, кои се универзален јазик . Јасно е дека порастот на цените на мало е поголем од порастот на платите, што значи платите ја губат битката со цените. Тоа значи и дека животниот стандард на граѓаните ќе биде помал, изјави Павле Гацов, економист.

Највисоки плати, над 80 илјади денари земаат програмерите, а ги следат вработените во  фармацијата, стручните, научни и технички дејности и финансиите. Најниски се платите на вработените во преработувачката индустрија.

-Јас сум да се собираат даноци без пардон, од сите, значи да се уништи сивата економија. Не сум за мерки наменети за сите, но приберете од сите и дадете на оние на кои им треба, додава Гацов.

За да се намали растот на цените, односно да се заузда инфлацијата, Гацов препорачува поагресивни мерки од Народната банка, бидејќи сегашните не дадоа резултат.