Бизнис
10. јуни 2017 - 18:22

Статистика измери уште еден квартал со пад на невработеноста, 22.9% - најниско ниво од 2006 година

Стапката на невработеност се намалила на 22,9%, најнизок процент досега во евиденцијата на заводот за стастистика.

Споредбата на податоците за првиот квартал лани и  првото тромесејче од 2017 покажува дека во земјава за една година се отвориле над 19 илјади нови работни места.

Со бројни мерки и проекти невработеноста континуирано опаѓа повеќе од една деценија, а последниот усвоен оперативен план предвидува поттикнување на нови 10 илјади вработувања за оваа година, велат од агенцијата за вработување.

Од Агенцијата апелираат невработените да ги следат мерките и да се пријавуваат на огласите чија цел е поттикнувања на вработувањата.

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, новите податоци се потврда за политиките за решавање на најгорливиот проблем на граѓаните.

“Дури и во период на премрежја, криза и постојани напади продолживме да работиме на нашето ветување до граѓаните за намалување на невработеноста. Резултатите се потврдени. Падот на невработеноста се должи на поттикнување и поддршката на домашното стопанство, активните мерки за вработување и силниот фокус на привлекување странски инвестиции”, напиша Груевски оценувајќи дека на новата влада и недостига професионален тим за странски инвестиции што може да резултира со обесхрабрување на инвеститорите.