Македонија
1. February 2021 - 16:34

Стартува со работа платформата за електронско пријавување на загадување

Нема доволно инспектори за животна средина ниту во Државниот инспекторат, ниту во општините. Во Инспекторатот во моментов има 15 инспектори, а според директорката потребно е тој број да се удвои. Од друга страна, дел од општините воопшто немаат овластен инспектор за животна средина, што дополнително ја отежнува борбата со загадувачите.

„Неопходни ни се уште минимум 11 за да го покриеме Скопје и регионите каде што нема доволен број на инспектори и се надевам дека оваа година навистина ќе може да го доекипираме Инспекторатот за да може да одговориме. Она што ние во моментот го правиме е ја ажурираме листата на овластени инспектори на локално ниво. И таа листа укажува на потребата општините кои што во моментот немаат овластен инспектор веднаш да ангажираат”, вели Ана Петровска, директорка на Државен инспекторат за животна средина.

Вообичаено има по околу 25 пријави за загадување на животната средина на месечно ниво, а во зимските месеци бројот е двојно поголем. Од  Институтот за комуникациски студии велат неопходна е поголема транспарентност за работата на терен.

„Инспекторатите кои што имаат надлежности во областа на животната средина не се доволно транспарентни, во смисла на тоа дека не ги објавуваат, не ги информираат граѓаните, не објавуваат доволно информации за инспекциските надзори што ги вршат, дали и какви мерки преземаат”, вели Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии.

За поефикасна борба со загадувачите и навремено реагирање на терен, Инспекторатот лансираше платформа “Пријави загадување во два чекори”. Сега граѓаните може да пријават загадувачи и преку социјалните мрежи, и-мејл адреса или веб страната на Државниот инспекторат за животна средина, како и преку мапата на загадувачи.