Бизнис
3. August 2021 - 19:52

Стапи на сила новиот Закон за стечајци

Стапи на сила новиот Закон за стечајци. Со новото законско решение надоместок од државата ќе добијат и оние кои имаат најмалку 14 години стаж во фирми со доминантна сопственост на државата, за разлика од претходно кога условот беше 15 години. Оние кои ги исполнуваат условите имаат рок од еден месец да аплицираат во подрачните единици на АВРМ за да добиваат надоместок од 9 242 денари до одењето во пензија.

Со овој закон материјално ќе се обезбедат лицата кои имале најмалку 14 години работен однос во претпријатијата со доминантна сопственост на државата,  кои на денот на поднесување на барањето се на возраст од најмалку 52 години (жена) и 55 години  (маж), на кои работниот однос им престанал заклучно со 31 декември 2020 кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и кои од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој закон, не биле во работен однос.

Од Здружението на стечајни работници УНИТ од Куманово кои беа најгласни во барањата на овие измени се задоволни што успеале да го зголемат бројот на стечајци кои ќе бидат обештетени. Но, не застануваат и ќе бараат решенија и за оние малку стечајци кои останале со празни раце.

Со новите измени е предвидено да се опфатат дополнителни 1 100 лица.