Бизнис
2. September 2024 - 14:47

ССМ: Владата да обезбеди пари за повисоки плати

Сојузот на  синдикати на Македонија (ССМ)  денеска порача дека борбата за раст на платите не е политичка и оти достоинството на работниците не треба да се политизира од ниту еден субјект. Повика преку социјален дијалог да се решат сите проблеми, а растот  на платите и на минималната плата да биде највисоко во агендата на новата Влада. 

Раководството на ССМ кое доби поддршка од Европската конфедерација на синдикатите (ETUC) и во борбата за спас на Работничкиот дом, е со очекување што побргу да биде променета пресудата за конфискација на синдикалниот дом.

- Нашата  борба за раст на платите и склучување на колективните договори не е политичка борба како што сака некој да претстави. Нашата борба  е за достоинствен живот  од нашиот труд  за достоинствени плати кои ќе ни овозможат да преживееме. Нашето очекување за раст на платите и за усогласување на платите согласно предвидените одредби е потреба која требаше да се случи вчера, а утре може да биде доцна. Од тие причини повикуваме да седнеме на заеднича маса и по пат на социјален дијалог, како социјални партнери да најдеме решение на сите проблеми и предизвици, рече на прес-конференција претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

ССМ повикува на склучување на колективни договори и на нивни анекси, со цел, како што рече Трендафилов, вработените  во Македонија да ја добијат пресметката на плати која ја добиваат функционерите, да добијат просечна плата по коефициент на сложеност, а со тоа и раст на нивните плати помеѓу 12 и 15 проценти наредната година.

-Денес очекуваме од Владата како социјален партнер да се  потруди да обезбеди финансиски средства, да изнајде начин и можности за усогласување на платите на многу наши колешки и колеги особено во јавниот  сектор во дејности кои се нужни и неопходни, а кои за жал токму поради изборниот процес не добија никакво усогласување на нивните плати. Повикуваме на почитување на колективните договори и на социјален дијалог преку кој  ќе успееме да ги пренесеме нашите очекувања и нивните можности и да нјадеме  решение кое ќе значи добро за работниците. Се во спротивно ќе биде исклучиво на штета на работниците а со тоа и на штета на државата, наведе Трендафилов. 

ССМ, потенцираше, бара склучување  на општиот колективен договор за приватниот сектор  од областа на стопанството, потпишување на анексите на  колективните договори  за усогласување на платите на вработените во јавниот сектор, како и раст на минималната плата која за жал се политизира, иако не треба ниту еден работник да прима плата под овој праг. 

Идните чекори на ССМ ќе бидат во насока на поддршка на сите идни синдикални акции на гранските синдикати кои се борат за  растот на платите на нивните членови  во дејностите кои не добија никакво усогласување  и потребата од растот на минималната плата која требаше да се зголеми уште вчера.

-На 1 мај кога го изнесовме ова важно прашање за работниците и за сите останати важни  прашања немавме влада во сила  и тогаш кажуваме дека ќе дојде денот кога нашето барање за 450 евра  минимална плата ќе стане минато и дека во иднина ќе треба да зборуваме за раст на минималната плата во висина од 600 па дури и 800  евра имајќи во предвид дека македонските работници  најмногу заминуваат на работа во Црна  Гора, БиХ, Хрватска и Словенија. ССМ ќе презема активности токму во насока на тоа, синдикатите кога ќе донесат одлука за некаква синдикална акција како што впрочем  имаме и денес во Битола, кога ќе протестираат нашите колешки и колеги од Независниот синдикат за обарзование и наука, како што денес штрајкуваат вработените во МАНУ, ќе ја дава безревервната поддршка и доколку  потребно рамо до рамо со нив ќе застанем и на улиицте. Сметатем дека има можност и ќе имаме разбирање за растот на платите на вработените во државата, рече Трендафилов.

Минималната плата, потенцира тој, не треба да го загрижува никој, тоа е само праг под кој не смее да се исплати плата во Македонија.  За жал, во Македонија, 10 000 работници примаат плата помалку од 22 567 денари, а  25 000 примаат минимална плата што е не само незаконси туку е и кривично дело, рече  претседателот на ССМ. 

Една од причините поради која очекуваат брза одлука за враќање на Работничкиот дом  на ССМ, како што наведе, е токму поради потврдата за корупција на еден од судиите кој ја донесе срамната пресуда за конфискацијата. Имајќи ги предвид случувањата околу конфискацијата на зградата на ССМ рече дека како претседател на ССМ би дал безрезервна поддршка за распуштање на Судскиот совет. 

Генералниот секретар на Европската Конфедерација на Синдикати (ETUC), Естер Линч преку видео обраќање порача дека Работничкиот дом е легитимна сопственост на синдикалната организација и  оти суштинско значење е да има вистински, реален социјален дијалог којшто ќе ужива поддршка и од владата и од работодавачите.

-Во овој случај којшто се води во судовите се покажа дека Синдикалниот дом е изграден од членовите на Синдикатот и според тоа е легитимно, разумно и оправдано веќе да не се доведува во прашање сопственоста на Синдикалниот дом, наведе Линч. 

Тука сме, дополни, да им помогнеме на нашите членки синдикати во оживувањето, во враќањето и во водењето на вистински социјален дијалог, меѓутоа важни се и власта, важни се и работодавачите и тие мора да бидат подготвени за вистински социјален дијалог.  - Синдикатите се легитимниот претставник на работниците и ние сме тука да ги поддржиме во нивната борба за достоинствени плати и за достоинствени услови за работа. Тука сме да стоиме рамо до рамо со нашите членки синдикати во борбата против 72-часовна работна недела и за недела како неработен ден. Научните истражувања покажуваат дека ова доведува до небезбедни работни услови и до услови коишто ги зголемуваат сите други ризици при работа, рече генералниот секретар на ETUC.