Бизнис
18. December 2021 - 16:38

ССМ бара зголемување на минималната плата од јануари, ако не го добијат одат на генерален штрајк

Поголеми плати од јануари или генерален штрајк. За Сојузот на синдикати на Македонија е приоритет да се зачува куповната моќ на работникот во услови на економска и енергетска криза. Синдикалците испратија официјално барање до Парламентот и Владата за законски измени со кои минималната плата веќе од јануари ќе биде 18.000 денари и во иднина да не може да изнесува помалку од 60% од просечната плата. При тоа, бараат пропорционално да растат и останатите плати.

„Исто така, платите на останатите вработени да се усогласат со постоечките законски прописи и колективните договори, со цел да не се направи една урамниловка, каде што сите плати би биле на ниво на минимална плата во најголем дел, како претходниот пат кога наместо 30.000 луѓе кои примаа минимална плата, со зголемувањето испадна 120.000 да земаат минимална плата. И на тој начин не се постигна посакуваниот ефект за да дојде до пораст на плати и во останатите категории на вработени“, вели Златко Цветковски, секретар на Сојузот на синдикати на Македонија.

Со оглед на трендот на раст на цените и најавата за поскапување на струјата, од ССМ сметаат дека не смее да се чека до март, кога вообичаено се усогласува минималната плата, туку државата веднаш да интервенира и да го заштити работникот.

„Ние следејќи го тоа дека не може да чекаме месец март да ги гледаме сите тие критериуми дали треба или не треба да се зголеми минималната плата, следејќи го тоа дека веќе има најавено поскапување на струјата, дека многу производи се и тоа како покачени, бараме токму заради тоа од јануари месец да почне исплата на оваа минимална плата. Ние ќе ги преземеме сите мерки во таа синдикална борба, со цел тие работи да ги добиеме, вклучувајќи и генерален штрајк“, вели Златко Цветковски, секретар на Сојузот на синдикати на Македонија.

Покрај поголема плата, од ССМ имаат уште три клучни барања: недела да е неработен ден, потпишување на колективен договор за унапредување на работничките права и во јавниот и во приватниот сектор, како и регрес за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор.
ССМ брои околу 70.000 членови, а очекуваат поддршка од сите работници и синдикати.