Македонија
12. July 2015 - 17:03

Средношколците и годинава со повисоки оценки на државната матура

Средношколците и годинава со повисоки оценки на државна матура.  Средната оценка  од полагањето во јуни во сите училишта е 3,37 што е  поголема од лани кога средниот успех беше 3,11. Подобри резултати учениците постигнале и по сите предмети поединечно. Средната оценка по мајчин јазик годинава е 3,47, математика 3,19, додека по англиски јазик 3,10. Министерството за образование е задоволно од прелиминарните резултати, кои од година во година се повисоки.

„Ги охрабрувам сите училишта во подигнување на резултатите, односно на нивниот успех. Најмногу што не радува нас Министерството за образование и Државниот испитен центар е тоа што имаме нагорна линија на успех по матаматика. Тоа е една од политиките на Владата на Р.Македонија и на Министерството за образование“ рече Сафет Незири, советник на министерот за образование.

Резултатите од јунската сесија училиштата ќе ги објават во вторник на пладне. Учениците кои нема да бидат задоволни од постигнатиот успех ќе имаат 3 дена рок да поднесат приговор до предметната комисија.

„Начинот на поднесување приговори е малку поразличен од екстерното тестирање, што значи дека не треба приговор да се поднесе преку систем или база, туку учениците треба да се обратат до предметните комисии во училиштата и приговорот да го поднесат во писмена форма“ рече директорката на ДИЦ, Мируше Амети.

Од 17 до 20 август државна матура ќе полагаат повеќе од  2200 средношколци кои ја пропуштиле јунската сесија или не ги положиле сите предмети. Полагањето е задолжително, бидејќи матурата е услов за упис на факултет.