Македонија
29. October 2019 - 15:27

Средба на Џафери со постојаниот координатор на ООН Росана Дуџак

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со постојаниот координатор на ОН во Република Северна Македонија  Росана Дуџак, на која било разговарано околу продлабочувањето на соработката меѓу органите и телата на ОН и Собранието.

На средбата Џафери го потенцирал фактот дека нашето членство во ОН од 1993 година, па до денес, се темели на почитување на основните принципи и постулати на Повелбата на ОН. Исто така, тој истакнал дека нашата комуникација со органите на ООН во континуитет се зајакнува со активен ангажман и придонес во сите специјализирани агенции, програми и фондови од системот на ОН.

Во таа насока Џафери, се наведува во соопштението од неговиот кабинет, ја искажал својата благодарност за придонесот на агенциите на ОН како што се УНДП, УНИЦЕФ, УНФПА, УН Жени и останатите со кои имаме воспоставено тесна соработка кон целите на подобрување на вработувањето, социјалната инклузија, развојот на животната средина и родовата еднаквост.

– Во рамките на оваа соработка, во Собранието на Република Северна Македонија функционира Комисијата за еднакви можности на мажите и жените кои заедно со Парламентарниот институт и UN Women работат на темите за родово одговорно буџетирање, изјави Џафери.

Тој, меѓу другото, потенцирал дека во однос на почитувањето на човековите права, Северна Македонија е и ќе биде доследна во нивното почитување, како земја со нагласена eвропска ориентација определена за мир и стабилност и земја која тежнее кон членство во ЕУ.

Постојаната координаторка на ОН за Република Северна Македонија, Дуџак се заблагодарила за можноста да се сретне со Талат Џафери, за да разговараат за меѓусебната соработката во претстојниот период.

На средбата, Дуџак посветила поголемо внимание на Агендата 2030 на ООН за одржлив развој, како и за стратегијата за соработка во рамките на оваа агенда со институции на Република Северна Македонија за периодот 2021 – 2025 година, како два важни стратешки документа на ООН.

Во рамките на соработкатасо институции на Република Северна Македонија Дуџак наведе 17 значајни области на соработка кои треба да се интензивираат во претстојниот период и кои се значајни за ООН.

На крајот од средбата, двајцата соговорници се согласиле дека агенциите на ООН ќе продолжат интензивно да соработуваат со работните тела и комисиите на Собранието.