Македонија
18. October 2022 - 13:50

Средба Груби-Река: На 14 ноември заедничка владина седница на Северна Македонија и Албанија

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска оствари средба со амбасадорот на Република Албанија Фатос Река, со кој разговарале за координација на деталите од заедничката средба со Владата на Република Албанија која ќе се одржи на 14 ноември во Скопје.

На средбата се е очекува да бидат потпишани важни договори, како држави целосно посветени на раст на соработката и продлабочување на односите во повеќе области, вклучително и економската, што истовремено ја зголемува конкурентноста на компаниите во земјите од регионот.

-Капиталните проекти меѓу двете земји беа дел од разговорот на средбата со амбасадорот Река, додека Коридорот 8 и железничката линија како два значајни проекти кои ќе ги поврзат не само Република Северна Македонија и Република Албанија, туку и земјите на регионот беа именувани како поволни иницијативи во време кога земјите се на пат кон членство во Европската Унија, информираат од кабинетот на Груби.

Дел од раговорите била и имплементацијата на проектот „One stop shop“, со кој се очекува да се скрати времето на царинските и граничните контроли.

-Концептот на заеднички гранични контроли и поедноставни процедури на граничниот премин води кон забрзување и поедноставување на циркулацијата на граничните премини и оваа иницијатива треба да се стави во функција што е можно поскоро, се вели во соопштението.

Груби на средбата изразил и поддршка за иницијативата на премиерот на Албанија Еди Рама во Парламентарното собрание на Советот на Европа за ревизија на Резолуцијата 1782 за прогласување на неосновани обвинувањата за трговија со човечки органи во војната во Косово, како, според него, силна порака до Европа за волјата на непоколебливо прозападно партнерство и неуморниот сон за интеграција, но и сосема легитимните барања и националните права за Косово и неговата праведна војна.