Македонија
23. October 2023 - 12:08

СПМ: Бараме оваа Комисија да се укине и да престане да го срами и понижува македонскиот народ и држава

Социјалистичката партија на Македонија според достапните информации укажува дека на тајна средба во Софија на заедничката македонско-бугарска историска комисија се преговара за одделни прашања од македонската историја.

Темите се поврзани со Охридската архиепископија, Гоце Делчев и Илинденското востание.

Исходот од средбата не се објавува за да не се открие срамот и понижувањето што ни го подготвува власта на Ковачевски.

Зад грбот на македонската јавност оваа контроверзна комисија на Бујар Османи продолжува со прифаќање на бугарските лаги за прашања кои се од битот на македонскиот народ и неговиот национален и историски идентитет.

Социјалистичката партија на Македонија истакнува дека никој нема право да преговара за идентитетски и историски прашања, особено не без заеднички изградена национална стратегија и без согласност од народот на кого тие се однесуваат, а најмалку од некомпететниот и од никого овластениот Бујар Османи. Тој за сето тоа нема добиено ниту ќе има мандат од македонскиот народ.

Бугарите јасно опстојуваат на нивните стратешки дефинирани ставови за неприфаќање на сè што е македонско на народот, јазикот идентитот и историјата.

Инсистирањето на Софија дека историјата ни е заедничка всушност е тврдење дека е бугарска зошто заедничка историја може да има само ист народ.

Затоа Социјалистичката партија на Македонија бара оваа комисија да се укине и да престане да го срами и понижува македонскиот народ и држава.

Премерот Ковачевски како и министерот Османи без срам молчат заедно со претседателот Пендаровски, кои, место да ги штитат интересите на државата, си ги прифаќаат навредите и омаловажувањата од бугарските функционери.

Место добрососедство и пријателство од Бугарија се нуди понижување, омраза и потценување што го гледа секој граѓанин освен предавничката власт.

Социјалистичката партија на Македонија смета дека СДС и ДУИ со анационалната и антимакедонска политка ја погазуваат националната посебност и самобитност на македонскиот народ и сите негови идентитетски обележја. Вршат јавно предавство и понижување.

Социјалистичката партија на Македонија истакнува дека од ваквите предавници единствен спас е масовна народна реакција, и непочитување на власта заедно со барање за нејзина безусловна оставка.

Социјалистичката партија на Македонија