Македонија
24. November 2019 - 19:35

Спелолози волонтери изведоа спасувачка вежба

Во организација на спелеолошкиот клуб „Златоврв“ од Прилеп во градот под Марковите кули на познатата 13-катница се организираше показна спасителна вежба, извлекување на 2 повредени лица во случај на пожар на 7-миот кат.

Ова е за прв пат во Македонија некој клуб да организира настан од ваков карактер. Лидерот на тимот Дарко Неданоски се надева дека оваа спасителна вежба ќе им помогне за кратко време членовите на „Златоврв“ да ја формираат првата спасителна служба на Прилеп.

„Нашиот клуб веќе 7-8 години е активен на европските спасителни акции и конгреси за спасување, обуки и семинари. Решивме сега и кај нас да направиме една ваква показна вежба. Во Прилеп се уште немаме спасителна служба и се надеваме дека ова ќе биде еден поттик за поддршка за да основаме една ваква служба и кај нас“, истакна Дарко Неданоски, спелеолошки клуб „Златоврв“ Прилеп.

Засега за пристап на различни и тешко достапни локациии како згради, планини, пештери и слично биле обучени 12 мина членови на клубот.

„Во секој објект има различни елементи, секаде користиме различна техника. Оваа техниика која сега ја користиме е техника синглроуп или техника на единечно јаже, која што е најраспространета во целиот свет, потекнува од Франција и истата се користи за скоро сите спасителни акции, дали за горски служби, спасување во пештери и слично“, додаде Неданоски.

„Мило ми е што сум дел од овие прекрасни, прехрабри дечки и девојки и се надевам дека граѓаните ќе разберат колку е потребно вакво нешто за нашиот град и Македонија“, изјави Сара Луческа, спелеолошки клуб „Златоврв“ Прилеп.

„Досега тренирам 6 години, а последнава година поинтензивно и се надевам дека со тек на време овој спорт ќе стане се позастапен кај младите“, рече Елеонора Кржеска, спелеолошки клуб „Златоврв“ Прилеп.

Од Дирекцијата за заштита и спасување ветија идна соработка и поддршка на ваквите тимови.

„И веќе технички го подготвивме договорот кој ќе биде потпишан во наредниве денови за да влезе тимот во Републичките сили на Дирекцијата за заштита и спасување“, истакна Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Било договорено исто така за брзо време во Словенија да бидат испратени 80 мина од Македонија кои ќе станат обучувачи и своето знаење потоа ќе го пренесат на ваквите тимови во Македонија.