Македонија
29. November 2021 - 20:18

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ од Штип ќе ги потпишат изјавите со новото уставно име

Во интерес на граѓаните, да не дојде до блокада на работата на Советот на општината и индиректно и на градоначалникот, но и затоа што жалбата не го одлага извршувањето, штипските советници од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата ќе ги корегираат потпишаните свечени изјави со новото уставно име, согласно решението на државниот инспекторат за локална самоуправа. Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Душко Иванов, вели дека стојат на ставот да нема повторување на конститутивната и одржаните други седници.

- Во диспозитивот не се укажува, но во образложението е укажано. Меѓутоа, нема да постапиме по тој дел од решението од причина што ќе ги искористиме сите правни лекови и ќе чекаме надлежните инстанци да донесат мериторни решенија и да видиме дали инспекторатот е во право или нашето толкување на Законот за локална самоуправа- изјави Душко Иванов, координатор на СГ- ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициските советници од СДСМ пак сметаат дека треба повторување на сите седници и на сите досега донесени одлуки. Тие немаат потпишано изјава и не учествуваа во работата на Советот. 

- Имавме координација на советничките групи во Совет на општина Штип. Заклучокот од координацијата е дека секоја советничка група ќе постапи согласно решението во законски предвидениот рок, согласно своите убедувања - изјави Весна Кожникова-Карагунова, претседателка на Совет на Општина Штип.

Советникот од Левица ќе го почитува ставот на партијата и нема да потпише свечена изјава со придавката „северна“. Со Преспанскиот договор е регулирано, новото уставно име да стои на документите кои се за исклучива внатрешна употреба, откако ќе започне отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со ЕУ, со преоден период од 5 години.