Состојбата со сметот во Скопје е алармантна за здравјето на сите граѓани предупредуваат лекари
Ситуацијата со сметот е алармантна. Купиштата отпад околу контејнерите и по улиците кои стојат со денови создадоа идеални услови за размножување на глодарите. Глувците и стаорците кои слободно почнаа да се шетаат по главниот град се сериозна закана за здравјето на сите граѓани, бидејќи пренесуваат многу заразни болести, предупредува доктор Бојан Трајковски.
И епидемиологот Драган Даниловски преку ФБ статус укажува дека е премината црвената линија за здравјето на децата и граѓаните поради ситуацијата со сметот. Професорот повикува да се преземат итни мерки.
- Потребна е најитна, координирана интервенција на сите надлежни институции – по потреба и со прогласување вонредна состојба на делови од територијата на градот. Првенствено заради дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје.Откако опасноста ќе се неутрализира, мора да следи и јасна институционална одговорност.Зашто, правото на здравје е уставно загарантирано право на секој граѓанин, пишува на ФБ проф. д-р Драган Даниловски.
Од ИЈЗ информираа дека согласно задолженијата од Владата од Институтот за јавно здравје е побарано да достави експертско мислење за тоа какво влијание може да има отпадот врз јавното здравје, како и епидемиолошки мерки врз база на доставени записници од инспекторат, каде е констатирана фактичка состојба.
Стручни лица од ИЈЗ, до петок ќе го разгледаат доставениот материјал и ќе дадат соодветно мислење, информираат од Установата.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар