Македонија
26. July 2022 - 16:55

Состојбата со пожарите стабилна, потребни се инвестиции во противпожарните капацитети

Потребна е итна интервенција за набавка на нови возила и опрема за пожарникарите во Прилеп. Од вкупно 8 возила кои се наменети за гаснење на пожар скоро секое од нив има некаков дефект дали во опремата, дали во моторот.

Најстарото возило е од почетокот на 70-тите години на минатиот век. За проблемот доволно говори и фактот што од овие возила многу малку можат да ги искачат планинските премини околу Прилеп, како Плетвар или Слива кон Мариово. Или пак и да успеат да го направат тоа се движат нагоре со минимална брзина. Најголем проблем било ниивното одржување.

За старите возила нема делови, а за новите, нема мајстор кој да ги поправи. И вака е со години

„Ситуацијата е иста, се трудиме да ги репарираме. Имаме 8 возила, но некои не се 100% исправни“, рече Виктор Стојчески, командир на ТППЕ Прилеп.

Инаку ТППЕ Прилеп, располага со 35 редовни пожарникари, а недостасуваат уште 10 до 15 за нормално функцирање. Недостигот засега се покривал со ангажирање на лица со Договор на дело, а за стални вработувања засега нема одлука.

„Сега ангажирани ни се 7 и очекуваме во наредниот месец да имаме ангажирање на уште неколку лица. Минатата година немаше предлог план за ангажирање по конкурс, затоа ни се лицата по договор на дело“, вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.