Македонија
27. May 2022 - 21:17

Состанок на коалицискиот совет за бугарското вето за Македонија - што велат аналитичарите?

Беспредметни се обидите на бугарскиот премиер да ја омекне состојбата во односите меѓу Македонија и Бугарија, сметаат експертите. Според нив, обидите за маневрирање на Петков наидуваат на затворена врата особено поради цврстите ставови на две политички партии од неговата коалиција, кои не отстапуваат од блокадата за Македонија на евроинтегративниот пат.

Нема многу оптимизам во очекувањата ниту од страна на бугарските политички аналитичари, кои сметаат дека Македонија заслужува почеток на преговорите бидејќи исполнува повеќе критериуми за влез во ЕУ, отколку Бугарија кога имала кандидатски статус.

Дел од коалициските партнери на Петков повеќе пати експлицитно кажаа дека ако премиерот преземе чекори на своја рака за кревање на ветото, тие ќе ја напуштат владината коалиција. Па, експертите сметаат дека дури и да има желба да дозволи почеток на преговорите за Македонија со ЕУ, во вакви услови Петков не би ја ризикувал својата политичка кариера.