Бизнис
10. April 2022 - 16:39

СОНК од утре стартува со штрајк, Владата бара учениците да бидат на прво место

СОНК утре ќе штрајкува, тоа значи дека настава во училиштата нема да има. Воспитно образоваен процес нема да има ниту во градинките. Лидерот на СОНК вели дека во некои училишта и градинки можно е децата да бидат згрижени доколку таму има вработени кои не се нивни членови или се под притисок затоа што немаат решенија на неопределно време. Сепак, вели тоа се околу 10% од вкупниот број вработени во институциите.

СОНК предупредува да престанат притисоците врз нивните членови и да се овозможи загарантираното право на штрајк.

Владата го почитува правото на штрајк, но велат дека децата мора да бидат згрижени. Министерката за труд вели дека градинките утре ќе примаат деца, а тоа требало да го овозможат директорите и градоначалниците.

И министерот за образование вели дека настава мора да има и повика децата утре да се појават во училиштата за да се види колку наставници нема да држат настава, па потоа да се бара решение.

И премиерот Ковачевски во објава на ФБ ги повика наставниците да ги стават интересите на децата на прво место и настава да има.

– По долгото пандемиско отсуство од клупите, ова е и морална обврска кон вашите професионални задачи како наставници и педагози. Ова е потребно најмногу како поддршка на вашите ученици во еден многу важен дел од нивниот живот. Во време на огромна економска криза апелирам на разум и поддршка за заедничко надминување на проблемите. Законските прописи ги штитат и интересите на учениците, и затоа настава мора да се организира и за време на штрајк. Да не оставаме празнина во образованието на децата, за сѐ има решение, но времето поминато надвор од клупа нема како да се надополни, напиша премиерот.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ пак денеска даде поддршка на штрајкот.

- Наставниците на кои, ние, во нивни раце им го даваме нашето најголемо богатство, нашите деца, претрпеа многу од пандемијата, од бизарната образовна реформа, од немањето средства за работа. Единствено што добија беше груба партизација при вработувањата, трансформацијата на работниот однос и при изборите на ментори. Ако некој од нив и го кренеше гласот, следеше малтретирање, мобинг и нивните поплаки беа проследени со лажни вести дека се’ е во ред. За срамно ниските плати и урамниловката со која владата на СДСМ и ДУИ дополнително ја понижува племенитата професија, не треба коментар. После се’, ќе штрајкуваат, нормално е да штрајкуваат“, рече Весна Јаневска, ВМРО ДПМНЕ.

Штрајкот ќе трае додека не се изнајде решение за барањата на СОНК за покачување на платите согласно минималната плата и коефицинетите на сложеност.