Македонија
20. October 2015 - 10:45

Солистички рецитал на гитаристот Дарко Багески на фестивал во Кампобасо

 Гитаристот Дарко Багески утре ќе настапи со солистички рецитал на 11-тиот фестивал во Кампобасо, Италија, на кој ќе изведе дела од Џулијани, Пјацола, Бариос, Мерц, Јовичиќ, Мирослав Тадиќ, Реис… 

Со оваа концертна програма Багески минатиот месец настапи и во Тајпеј во организација на Taipei Genesis Guitar Orchestra, што беше  премиерен концерт на македонски класичен гитарист во Азија. 

Фестивалот во Кампобасо се одржува од денеска до 24 октомври и покрај Багески ќе настапат уште тројца музичари.

Дарко Багески (1981) е вонреден професор по гитара на Факултетот за музичка уметност во Скопје, одржува мастеркласи на меѓународни фестивали и натпревари и често е член во жиријата.

Музичкото образование го почнал во Скопје, матурирал во Средно музичко училиште во Загреб, а дипломирал на Високата школа за музика „Франц Лист“ во Вајмар, Германија. Магистрирал на Државниот конзерваториум за музика во Солун. Се едуцирал кај еминентни професори по класична гитара, како: Џевдет Сахатџија, Герхард Рајхенбах, Јурген Рост, Костас Коциолис...

Имал голем број солистички концерти во Македонија, Хрватска, Србија, Германија, Грција, САД, Шведска..., настапувајќи како солист со камерни оркестри и со Македонската филхармонија.