Солидарен данок наплатен од 130 компании, 26 не ја исполниле обврската
Заклучно со вчера, 8 ноември, од 130 компании се наплатени 2,3 милијарди денари по основ на данокот на солидарност. Оваа обврска ја имаат 156 компании, меѓу кои и едно јавно претпријатие, со вкупен износ од три милијарди, 29 милиони денари. Дваесет и шест компании сѐ уште не ја подмириле обврската и вкупно должат 726,6 милиони денари, и покрај рокот што им е даден од Управата за јавни приходи.
Најголем износ, од 257,3 милиони денари, се уплатени од една скопска компанија со дејност леење челик, која за 2022 година имала вкупен приход 11,3 милијарди денари.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска на брифинг со новинарите денеска соопшти дека речиси половината од компаниите што не ја исполниле обврската се од Скопје (12), а останатите се од Неготино, Струмица, Гевгелија, Делчево, Битола, Прилеп, Чучер Сандево, Гостивар, Слупчане, Желино, Охрид.
Дејностите на компаниите што должат се различни – две фирми се од дејноста коцкање и обложување, две за изградба на станбени и нестанбени згради, две компании со дејност трговија со дрва, градежни материјали и санитарија, потоа трговија на големо со хемиски производи итн.
Немањето средства е најчесто причината што овие компании ја наведуваат за неисполнетата обврска за плаќање на данокот на солидарност.
-Најголемиот должник, а воедно и компанија со најголема пријавена обврска, е скопска компанија од среден обем, чија дејност е трговија со електрична енергија, која остварила вкупни приходи од 13,2 милијарди денари и должи 294,6 милиони денари, рече Лукаревска.
УЈП има доставено опомени. Од 26-те компании што ја должат обврската, шест направиле пребивање, што е дозволено, а три компании се во режим на репрограм односно одлучиле да плаќаат на три рати (октомври, ноември, декември).
Рокот за компаниите што нема да ја исполнат обврската останува 24 ноември кога ќе следува блокирање на сметката.
-Пративме опомени, потоа ќе доставиме и решенија и на крај блокирање на сметките. Но, до денот на блокадата, сепак, ќе ги контактираме за да видиме каква е состојбата, рече Лукаревска, додавајќи дека целта на УЈП не е да ги блокира, туку да се најде решение.
Ново на Сител
-
15-годишник се тепал со друг малолетник, па нападнал и полициски службеник
-
Македонија со шест таеквондисти на Европското првенство во Талин
-
Приведени двајца велешани, краделе во подрум во Струмица и го нападнале сопственикот
-
Ѓоковиќ: Можеби веќе нема да се вратам на теренот во Мадрид
-
ЈО: Загинатиот мотоциклист во Чаир немал дозвола и заштитна кацига и возел брзо
-
21-годишен штипјанец со тврд предмет нападнал полицајка во Скопје
-
16-годишен мотоциклист загина откако се судри со електричен тротинет
-
ЦУК: Вкупно 1 666 повици на 112 во последното деноноќие