Македонија
13. September 2022 - 20:39

Собраниската Комисија за изборите и именувањата на пауза повеќе од еден час

– Комисијата за избори и именувања по најавата за кратка 15-минутна пауза, повеќе од еден час не продолжи со заседанието, на кое се расправа за кандидатурата за уставен судија на Љубомир Јовески, актуелниот републички јавен обвинител.

Паузата беше дадена по излагањето на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петковска, која даде критика за работата на Јовески.

Петковска во излагањето рече дека Јовески сопствените изјави ги менува според потребите на власта. Истакнат правник, според неа, не менува ставови по директива, туку ги одмерува своите зборови, посебно ако истите се однесуваат на суштествени прашања.

-Предложивме кандидати кои ќе ја гарантираат институционалната незаисност на Уставен суд и гарантираат дека ќе бидат индивидуално независни. Во Европа не се оди со стар багаж или со нерасчистени случаи, кои наместо да се одплетуваат, уште повеќе се заплеткуваат и излегуваат криминалци полоши од претходните, рече Петковска.

Според пратеничката, „нашето судство и понатаму ќе биде по мерка на СДСМ и ДУИ, на чело со истакнати правници што ги предлагаат без да образложат зошто и кои си ги изгласаа без да знаат зошто“.

-Јавноста чека разрешница на бројни афери кои токму Јовевски сака да ги забошути. Да беше тука Јовески, ќе го прашавме до каде се истрагите за грантовите на иновации на Деспотовски, куферот на Боки и Кичеец, парите од ПИОМ на Мила Царовска, додаде Петквска.

Таа посочи дека на македонските граѓани им е потребен Уставен суд кој ќе го чува нивниот грб и нивните права.

-Не само што на Уставниот суд му се потребни реформи, тој треба да се размонтира и да се креира правосуден систем кој ќе им служи на граѓаните. Нема независен Уставен суд, ако судиите се зависни. Се додека имаме вакви услови за избор на уставни судии, Уставниот суд ќе биде „контејнер“, кој ќе може да собере се, додаде Петковска.

Љубомир Јовески е кандидат предложен од СДСМ и е последен за кој расправа Комисијата.

Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ.

Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.