Собраниската Комисија за економски прашања поддржа десет предлог-закони со кои се доуредуваат надлежностите на Министерството за енергетика
Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика попладнево, во рамки на втората седница, ги разгледа и ги даде на натамошна постапка Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Геолошкиот завод на Република Македонија, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата, кои треба да се донесат по скратена постапка.
Членовите на Комисијата ги поддржаа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за основање на Агенција за енергетика на Република Северна Македонија, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција, кои исто така треба да се донесат по скратена постапка.
Сите десет предлог-закони се поднесени од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. За ниту еден од нив не се поднесени амандмани, ниту се јави за збор некој од членовите на Комисијата кои присуствуваа на седницата.
Како што објасни претседателот на Комисијата, Бојан Стојаноски, целта на предлог-законските решенија е дооформување на надлежностите на Министерството за енергетика.
-Во текстот на законите кои досега ја имаат регулирано надлежноста на Министерството за економија, се менува името од Министерство за економија во Министерство за енергетика. Но, втората работа, која е особено важна, е дека на Агенцијата за енергетика и престанува важноста како институција и таа оди во надлежност на Министерството за енергетика. Се укинуваат Управниот одбор и директорот, со што се исполнува уште едно предизборно ветување за намалување на бројот на институциите. Во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви се укинува Управниот одбор, а директорот има обврска да дава шестмесечни и годишни извештаи пред Министерството. Сметаме дека вака ќе биде побрза, порационална и пооптимизирана работата на Министерството за енергетика, истакна Стојаноски, според кој, ова образложение се однесува на сите десет предлог-закони.
Ново на Сител
-
САД донесоа одлука за продажба на муниција на Израел во вредност од 510 милиони долари
-
Амандманска расправа за законите за реформа на администацијата во Комисијата за политички систем
-
Трамп потпиша извршна наредба за укинување на санкциите врз Сирија
-
Лидерска средба ЕУ - Западен Балкан во Скопје, фокус на Планот за раст
-
Ердоган: Самитот на НАТО ќе се одржи во Анкара во јули 2026 година
-
Сончево со температура до 38 степени
-
ФФМ и Ла Лига ќе градат долгорочно партнерство
-
Две возила учествувале во сообраќајката кај Собранието, во која се повредени две лица