Македонија
11. July 2017 - 15:41

Собранието расправа за општите акти на Народниот правобранител

Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи расправата по Предлог-одлуката за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител.

За оваа точка од дневниот ред расправаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои посочија дека не секогаш немањето доволно финансиски средства и кадар се причина за една институција да не ги остварува законските права. Забелешка имаа и на барањето Народниот правобранител да има неприкосновено право да одлучува при вработувањето на кадрите.

Горан Манојлоски од ВМРО-ДПМНЕ праша дали со усвојувањето на општите акти ќе се решат постојните проблеми кои ги засегаат граѓаните и дали ќе се подобри работата на Омбудсманот како институција.

На ова, народниот правобранител Иџет Мемети истакна дека само со донесување акти, без финансиски средства и кадровска доекипираност, не може да се очекува подобрување на работата на Народниот правобранител.

- Три години Македонија нема кадар во Одделот за превенирање од тортура. Задолжив млади правници со договори за дело кои ми ги плаќаат со донација. Нема Омбудсман во светот на кој со донации му се плаќаат вработените. Тоа во Македонија се случува, рече Мемети.

За Слаѓана Митовска од ВМРО-ДПМНЕ спорно е барањето на народниот правобранител да има неприкосновено право да одлучува при изборот на кадри.

- По кој критериум ќе правите избор на кандидатите кои ќе ги вработувате. Имам сомнеж дека овие ваши барања се за да вработите партиски кадри. Се согласувам дека треба да има човечки ресурси во инстиуцијата, но начинот на кој барате да го реализирате тоа, кај мене отвара сомнеж, рече Митовска.

Нада  Ципушева предложи да се размисли во иднина да се воведат мобилни канцеларии на Народниот правобранител, односно во одредени денови претставници од оваа институција да ги посетува населените места и да биде поблиску до граѓаните. 

За оваа точка од дневниот ред за збор се пријавени уште седум пратеници, по што треба да започне расправата за разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски