Македонија
3. December 2025 - 16:47

Собранието одлучи: Анкетна комисија за Кочани, модуларната, Беса Транс и Дурмо Турс

Власта и опозицијата со 84 гласа „за“ успејаа заеднички да формираат Анкетната комисија во Собранието за сите 4 трагичните настани изминативе години. Посебното собраниско тело ќе треба да ги испитува околностите, но и одговорноста за пожарите во дискотеката во Кочани и во модуларната болница во Тетово, како и автобуските несреќи во Ласкарци и Бугарија. 

Мнозинството во Анкетната ќе го има власта, но претседателот ќе доаѓа од редот на опозицијата. Телото треба да работи 45 дена во кои ќе се сослушуваат сведоци, а потоа во рок од 30 дена треба да изготви извештај со заклучоци што ќе бидат испратени до Владата, но и јавното обвинителство. 

Ова е всушност Анкетната комисија која ја побара власта по повод барањето на родителите од настраданите во кочанскиот пожар, но за која мнозинството сметаше дека треба да се прошири и на останатите претходни несреќи за да нема селективност.

Опозициската СДСМ иако ја поддржа оваа Комисија, сепак, на седница инсистираше да се формира и Анкетна комисија само за трагедијата од дискотеката Пулс за поефективно да се утврдат системските пропусти.

Мнозинството не го прифати ваквиот предлог.

Настрана овие анкетни комисии, лидерот на Левица Апасиев за 9. декември ја закажа и Постојаната анкетна комисија за човекови права која треба да расправа за прекршување на правото на живот, по повод инцијативата поднесена од родителите на загинатите во кочанскиот пожар.

Сепак, нејзиното одржување останува неизвесно, доколку власта не обезбеди кворум за нејзина работа. Од владејачкото мнозинство бараат одложување на Комисијата на Апасеив бидејки на тој ден е закажана и пленарна седница на која е буџетот за 2026 година.