Македонија
28. March 2017 - 9:26

Собранието ќе ја продолжи конститутивната седница

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи конститутивната седница за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. На дневен ред на седницата е и изборот на претседател на Собранието на Република Македонија.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ вчера во своите излагања бараа да се почитува волјата на мнозинството при изборот на претседател на Комисијата и на Собранието кои, како што посочија, секогаш доаѓаат од победничката пратеничка група.

Во вчерашната расправа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дискутираа за т.н. тиранска платформа и порачаа дека се за унитарна, мултикултурна и напредна, а не федерализирана, бинационална и двојазична држава. Според нив, прифаќањето на платформата е постизборен инженеринг со кој се изигрува волјата на мнозинството. 

Во однос на составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, според претходно договореното од политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена, СДСМ пет, а ДУИ и БЕСА по еден член.

Утврдувањето на предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.