Македонија
27. December 2017 - 8:41

Собранието ќе гласа за предлог-одлуката за петмина потпретседатели

Пратениците денеска треба да гласаат, меѓу другото, за предлог-одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието. Се предлага, Парламентот да има пет потпретседатели, а до минатиот состав тројца, од кои еден на предлог на опозицијата. 

Со оваа одлука со која се зголемува бројот на парламентарните потпретседатели не се согласува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Доскорешниот координатор на пратениците од оваа партија неодамна изјави дека неговата партија нема да предложи потпретседател, но оваа одлука сега, по изборот на нов лидер и нов координатор на партијата, станува неизвесна. 

Осум месеци по изборот на претседател, Парламентот функционира без негови заменици. 

Изборот на потпретседатели на Собранието е на дневен ред на 12. седница, а денеска треба да се одржат уште четири собраниски седници - единаесеттата, тринаесеттата, петнаесеттата и дваесет и втората седница.

Преостанати точки од дневниот ред на 11-тата седница  се предлог законите за изменување и дополнување на законите за културата, за регистрирање готовински плаќања, за заштита од пушењето, за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.

На продолжението на 13-тата седница  се Предлог  законот за трговија на зелени пазари, по скратена постапка,  како и интерпелациите за работата на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, и за труд и социјална политика, Мила Царовска, поднесени од пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во рамки на продолжението на 15-тата седница, пак, пратениците треба да расправаат за Предлог законот за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија, во прво читање,  како и Предлог законот за издавање вредносни бонови – ваучери, исто така во прво читање, на предлог на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. 

Предлог законите за изменување и дополнување на законите за Судскиот совет на РМ и за заштита на сведоци, по скратена постапка, како и Предлог законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија, исто така по скратена постапка се единствените преостанати точки на дневниот ред на 22-та седница на Собранието.